Одлуката на Владата да не го продолжи породилното отсуство на мајките и отсуството од работа на родителите на деца од 0-6 години, го наметнува прашањето кои се правата на овие категории работници согласно Законот за работните односи.
При завршувањето на родителското отсуство, самиот работник го има правото да се врати на истото работно место, или, доколку тоа не е возможно, на соодветно работно место според условите пропишани во договорот за вработување.

Во случаите во кои работничката е бремена или со дете до една година возраст таа не смее да врши прекувремена работа или да работи ноќе. Спротивно на тоа, оние работнички кои имаат дете од една до три години возраст може да извршуваат прекувремена работа или работа ноќе, само ако претходно за истото дадат писмена согласност.
По согласност на самиот родител, може да се наложи вршење на прекувремена работа и работа ноќе и на оние родители кои имаат дете помладо од седум години или тешко болно дете или дете со телесен или душевен недостаток – чиј родител треба да живее сам со детето и да се грижи за неговото воспитување и заштита.
Работничките кои сѐ уште дојат и започнуваат повторно со работа во полно работно времее, согласно законот, имаат право на платена пауза во текот на денот, во траење од еден и пол час дневно, во кое време се засметува и дневната пауза. Ова право, тие може да го ползуваат до наполнета една годишна возраст на детето.

Од друга страна, кога говориме за работнички кои се бремени, Законот бара работодавачот да воведе повеќекратно оценување на ризиците кои можат да влијаат на бремената жени, нејзиното неродено или новородено дете. Понатаму заштита на Законот може да се огледа и во фактот што работодавачот не смее да го откаже договорот за вработување со работникот за време на бременост, раѓање и родителство, за време на сместување на дете кај посвоител, отсуство од работа за родителство од страна на татко или поствоител на дете и слично.
Отказот на договорот за вработување е ништовен доколку на денот на неговото врачување работодавачот бил запознаен со околностите на бременоста или доколку во рок од 15 дена од врачувањето, работникот го извести работодавачот за настапување на погоре наведените околности. Оваа околност сепак не важи доколку се работи за Договор на опоределено време, кој по неговиот истек може и да не се продолжи од работодавачот независно од колноста дали работничката е бремена.
Еден интересен податок во однос на правото на породилно отсуство, кое сите знаеме дека е во времетраење од девет месеци, но ретко кој знае дека во случај на раѓање на повеќе деца одеднаш (пр. близнаци) работничката има право на отсуство од 15 месеци. Истите права ги има и работничката која посвојува едно или повеќе деца.