Во нашата адвокатска канцеларија многу често нашите клиенти имаат дилема околу тоа каков договор да склучат со своите деца, со лицата со кои се во заедница или имаат друг близок однос и кон нив имаат волја да го располагаат својот имот.
________________________________________________________________________________________________________________
Подолу во текстот даваме компарација на разлики и сличности помеѓу Договор за дар и Договор за доживотна издршка.
Со Договорот за дар дарувачот се обврзува да му пренесе на даропримачот во сопственост определен предмет, му отстапува некое право или му отпушта долг, или му презема долг, без надомест.
- Дар може да направи само лице со полна деловна способност;
- Дар може да прими и лице со ограничена деловна способност, како и деловно неспособно лице;
- Договорот за дар мора да биде склучен во писмена форма и заверен на нотар;
- Со договорот за дар, даропримачот веднаш по заверка на договорот го прима дарот во своја сопственост и владение и се запишува како сопственик во јавни книги;
- Доколку Дарувачот сака да го ограничи правото на располагање на дарот од страна на даропримачот, може да воспостави право на плодоуживање односно да примателот на дар неможе без согласност на дарувачот истиот да го располага и оптоварува на било кој начин;
- Дарувачот може да го раскине договорот и да го отповика направениот дар, во случај кога даропримачот со своето однесување кон него или на нему блиско лице, покаже крајна неблагодарност. Ова право преминува и на наследниците.
Договорот за доживотна издршка претставува двострано – обврзувачки договор кој се склучува помеѓу давател на издршка од една страна и примател на издршка од друга страна.
- Двострано – обврзувачки е затоа што давателот на издршка се обврзува да го издржува или да се грижи за примателот на издршка се до неговата смрт, а од друга страна примателот на издршка во надомест или како возврат за таа грижа му го остава целиот свој имот или определен дел од имотот на давателот на издршка, чие предавање е одложено се до смртта на примателот на издршка.
- Договорот за доживотна издршка мора да биде склучен во писмена форма и заверен на нотар или од надлежен суд во присуство на сведоци;
- Давателот на издршката се стекнува со право на сопственост на имотот и упис на свиое име во јавните книги по смртта на Примателот на издршката.