Правото на штрајк претставува уставно загарантирано, демократско право на работникот преку кое што го искажува својот револт, а со цел остварување на своите права и интереси од работен однос.
Покрај тоа што правото на штрајк е предвидено и загарантирано како неприкосновено право на работникот со Уставот на Република Северна Македонија, истото е регулирано и опишано во Законот за работни односи.
Па во однос на тоа, во членот 236 од Законот се предвидени права и обврски за време на штрајкот и тоа:
- Синдикатот и неговите здруженија на повисоко ниво имаат право да повикаат на штрајк и да го поведат со цел за заштита на економските и социјалните права на своите членови од работниот однос, во согласност со закон.
- Штрајкот мора писмено да се најави на работодавачот, односно здружението на работодавачите против кои е насочен, а штрајкот на солидарност на работодавачот кај кого тој штрајк се организира.
- Штрајкот не смее да започне пред завршување на постапката за помирување, согласно со овој закон. Обврската за помирување не смее да го ограничи правото на штрајкот, кога таква постапка е предвидена со овој закон, односно пред спроведувањето на друга постапка за мирно решавање на спорот за која страните се договориле.
- Штрајкот на солидарност може да започне без спроведување на постапка за помирување, но не пред истекот на два дена од денот на почетокот на штрајкот за чија поддршка се организира.
- Во писмото со кое се најавува штрајкот мора да се наведат причините за штрајкот, местото на одржувањето на штрајкот и денот и времето на почетокот на штрајкот.
- Штрајкот мора да биде организиран на начин со кој нема да се оневозможува или попречува организирањето и одвивањето на работниот процес за работниците кои не учествуваат во штрајкот, забрана на влез на работниците и на одговорните лица во деловните простории на работодавачот.
Во поглед на последиците од организирање и учество во штрајкот, истите се опишани во членот 239 од Законот за работни односи и се однесуваат на тоа дека:
- Работникот не смее да биде ставен во понеповолна положба од другите работници поради организирање или учество во штрајк, организиран во согласност со одредбите на закон и колективен договор.
- На работникот може да му се даде отказ само ако организирал или учествувал во штрајк кој не е организиран во согласност со закон и колективен договор или ако за време на штрајкот направил некоја друга тешка повреда на договорот за вработување.
- Работникот не смее на кој било начин да биде присилен да учествува во штрајкот.